СИЕР се бори за подобрување на регулативата за бенифициран стаж во последните десет години, откако престана да важи пензионирањето според остварен пензиски стаж.

Во рамки на таа борба, успеавме да избориме промена на законот и пропорционално пресметување на стажот, но само за рударите од подземна експлоатација. Но не се откажавме. Затоа последниот конгрес на СИЕР едната од усвоените резолуции ја посвети токму на ова прашање.

Поради тоа што немавме информации за тоа дали и какви измени во законот се подготвуваат, Претседателството на СИЕР покрена иницијатива за собирање потписи заради поткрепа на испоставените барања до изготвувачите на законите – ресорните министерства. Нашата главна заложба е:

 

-      Пропорционалното сметање на стажот да важи за сите, не само за рударите. Тоа значи да не се бројат само цели години на работно место со одреден степен на бенифиција заради скратување на една година, туку пропорционално на платеното осигурување (пример, за работно место со бенифиција 12/15 потребни се 5 години за една година скратување; ние бараме да се смета стажот на тоа работно место, ако си работел 3 години, да добиеш 7,2 месеци)

-      Да се засили бенифицијата, со зголемување на придонесот, така што работникот да добива секоја година скратување колку што му е бенифицијата (на пример за работно место со бенифиција 12/15, секоја година да добива по три месеци скратување), како и пензионирање со исполнети 40 години вкупен стаж.

-      Да се унифицираат условите за сите места со бенифициран стаж, а не некои вработени да бидат привилегирани (како вработените во МВР).

По вчерашната (11.07.2018) средба со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска со доза на оптимизам можеме да кажеме дека работите се тргнати од мртва точка.

Имено, Министерството најави промени во законот со кои се остваруваат дел од барањата на СИЕР во поглед на пропорционалното сметање на бенифицираниот стаж, кое ќе важи за сите работници со бенифициран стаж.

Исто така, најавено е делумно остварување на нашето второ барање, за остварување на пензија со 40 години вкупен стаж, но само за рударите. Тоа се секако добри вести за најтешката професија.

Овие измени се очекува да се донесат до крајот на годината и да важат од 2019 година. Исто така, најавени се промени во Правилникот за работни места на кои стажот се смета со зголемено траење. Со тие измени очекуваме поширок  опфат на работни места од индустријата.

СИЕР ги поздравува најавените промени и со задоволство констатира дека ова е плод на долгогодишните напори за остварување на правото за работниците со бенифициран стаж. Но, со тоа нашите барања се делумно исполнети. Ние остануваме посветени и продолжуваме со напорите се додека не се остварат овие права за сите работници со бенифициран стаж (како за рударите).

Придружи ни се

Капитал Банка