По неофицијалните информации дека четирите водечки синдикати во ССМ: СИЕР, УПОЗ, СУТКОЗ и Агро-Синдикатот се најпрво суспендирани, а потоа и исклучени од членство во ССМ, денес, 29.12.2016 година се состана Претседателството на СИЕР во полн состав. Седницата се одржа надвор од Работнички дом, бидејќи на членовите на Претседателството не им беше дозволен пристап до просториите на СИЕР.

Членовите на Претседателството беа запознаени дека вчера, 28.12.2016 година се одржала седница на Советот на ССМ, на која не биле поканети членовите на Советот од споменатите синдикати и присуствувале само 21 од вкупно 52 члена. На таа седница, без кворум, со 15 гласа ЗА, 5 воздржани и 1 против било одлучено за исклучување од членство на четирите синдикати. Претседателството на СИЕР е уверено дека ваквите потези на веќе сменетиот претседател на ССМ Живко Митревски се одмазнички заради неговото отповикување. За жал, институциите со своето непостапување по барањата од в.д.претседателот на ССМ вршат целосна опструкција и неспроведување на законот и со тоа му дозволуваат на сменетиот лидер да продолжи со нестатутарните и нелегитимни постапки и по насилен пат да го попречува функционирањето на синдикатите, а целосно да го блокира функционирањето на Сојузот.
Претседателството на СИЕР усвои информација која е доставена до меѓународните синдикални асоцијации каде членува СИЕР, како и до Хелсиншкиот комитет за човекови права. Информацијата може да се прочита ТУКА.

СИЕР, СУТКОЗ, УПОЗ и Агро Синдикатот продолжуваат во своите напори по институционалн пат да ја докажат легитимноста и законитоста на сите досега преземени чекори.