Праведна Транзиција

Хотел Лаки, Охрид

14-16.11.2022 год.

Во рамки на заедничкиот проект на СИЕР со Olof Palme International Center од Шведска, во периодот од 14-16.11.2022 год. во Хотел Лаки, Охрид, се организира семинар на тема Праведна транзиција.

Предавачи на семинарот се: Corina Zierold – IndustriAll-EU, Ивана Вучкова од ФЕС Македонија и Маре Анчева. 

На овој семинар ќе се обрне внимание на неколку теми поврзани со праведната транзиција:

-       Што е праведна транзиција?

-       Што прават синдикатите за праведната транзиција?

-       Што ќе се случува во Македонија до 2030?

-       Дали сме подготвени за претстојната транзиција и како да ја направиме Праведната транзиција?

Во РСМакедонија половина од енергијата се добива со горење на јаглен-лигнит, кој испушта огромни количина на сулфурен диоксид.  Според некои анализи десетина постројки на јаглен во регионот испуштале сулфурен диоксид како стотини електрани во ЕУ заедно. Поради големата емисија на штетни гасови при горењето на јагленот, довело до загадување на воздухот, како резултат на што се зголемуваат респираторните и кардиоваскуларните болести кај човекот. Праведната транзиција на глобално ниво е насочена кон создавање на здрави еко системи, подобра здравствена заштита и јавни услуги со покачување на нивото на образование и култура.

Од почетокот на транзицијата на напуштање на јагленот во Европа, производството на јаглен полека се намалува. При исфрлање на јагленот од употреба, кое е проследено со неизбежно затварање на рудниците и електраните на јаглен, мора да се обрне внимание за тоа како оваа транзиција ќе влијае на работниците. Не може да се разговара за воведување на еколошка политика без да се земе во предвид социјалната правда.

Синдикатите го дефинираат терминот „Праведна транзиција“, за да ја заштитат егзистенцијата и просперитетот на работниците, граѓаните и да влијаат врз политиките кои се превземаат за решавање на проблемите со животната средина за создавање на еколошки општества, со избирање на методи и начини кои ќе бидат правични и рамноправни. Праведната транзиција вклучува големи промени во  производството и потрошувачката од аспект на енергијата, транспортот, земјоделството и во инфраструктурата и општествените вредности.

Праведната транзиција треба да обезбеди заштита на работниците и осигурување на безбедни работни места, и преку програми за распоредување на соодветно работно место и можност за преквалификација за  полесно интегрирање во новите сектори на индустријата, како резултат на транзицијата. Во праведната транзиција од големо значење е вклученост на сите инволвирани страни од работници, синдикати, работодавачи, влада.. во донесувањето на одлуките во однос на начинот на спроведување на транзицијата како и достапна финансиска  помош од државата во спроведување на проекти за обновлива енергија

 Синдикатот преку праведната транзиција се залага за олеснување на  промена кон поодржливо општество и обезбедување на еколошки и социјално одржливи работни места, сектори и економија со ниско ниво на емисии на јаглерод и минимално влијание врз климатските промени.