Долгогодишната соработка со данскиот Синдикат 3Ф продолжи во 2017 година со одржување на два семинари, првиот во јули, а вториот минатиот викенд, 10-12.ноември.

Петмина синдикални претставници од различни нивоа во синдикатот (од подружница, до регионален претставник) ги споделија своите искуства со дваесетина синдикални претставници од нашите синдикални организации. Семинарот всушност беше замислен токму како размена на искуства и учење едни од други, а не само како образовна активност.

 

Во текот на дводневната работа можеше да се забележи дека постојат суштински разлики особено во културата на социјалниот дијалог, која во Данска започнала да се гради на крајот на 19.век. Затоа, тие успеале да изградат функционален систем на социјален дијалог, со високо ниво на меѓусебно уважување и почитување, што е основа на т.н. „дански модел„ на соодлучување, застапување на интересите, информирање и консултирање.

Разликите не се толку големи кога ќе се спореди самата регулатива, заеднички констатираа синдикалните претставници од СИЕР и 3Ф, а некои прашања се дури подобро решени во нашата регулатива (закони и колективни договори). Но кога ќе се спореди примената на регулативата и културата на социјален дијалог, разликите стануваат очигледни.

Сепак, на крајот на семинарот сите беа согласни дека размената на искуствата и споделувањето на добрите и лошите практики е од голема обострана корист, поради што ќе се направат напори од девете страни конструктивната соработка да продолжи и наредната година.