Собранието на СО Фени Индустри му изгласа недоверба на претседателот во мај и распиша вонредни избори во синдикалната организација. Изборите малку се оддолжија, поради годишните одмори, така што Собранието се состана во нов состав на 11.08.2018 и избра нов претседател, Миле Ѓорѓиев, кој беше член на Синдикалниот одбор и во претходниот состав.

Синдикалната организација на Фени Индустри подолго време се судира со сериозни проблеми, како поради стечајот врз фирмата, кој сé уште формално-правно не е завршен, така и со синдикалното раководење. Претходното синдикално раководство имаше несреќа да склучи договор со измамничка фирма за набавка на дрва, од кој значителни средства беа злоупотребени од страна на добавувачот, без да испорача дрва. Ова се случи во критичен момент за работниците, со отворање на стечај и голема неизвесност за иднината.

Сега се очекува завршеток на стечајната постапка. Планот за реорганизација е усвоен, но има приговор кој треба да добие конечна разрешница на Апелацискиот суд во Скопје.

Во исто време, по смените во синдикалното раководство, а со завршетокот на стечајот, се очекува отворање на дијалог со раководството и пристапување кон склучување на нов колективен договор за уредување на сите права и обврски меѓу работниците и работодавачот. Работниците, секако, очекуваат не само враќање на примањата на нормално ниво, како пред кризата, и нивно соодветно зголемување.