Додека Собранието сé уште не ги усвоило предложените измени на Законот за работни односи, Министерството за труд и социјална политика изготви нов текст на законот кој влегува во јавна расправа.

По разгледувањето на предложениот закон може да се констатира дека постојниот закон е преуреден, сменет е редоследот на одредени членови, а бројот на измените во однос на досегашната регулатива не е голем.

 

На пример, во новиот закон се предлага скратување на рокот во кој работникот може да работи со договор на одредено време кај ист работодавач од 5 на три години, а се додаваат и одредени критериуми во врска со таквите договори. Потоа, се зголемува бројот на испратнините при отказ од деловни причини од 6 на 7 плати, што се соджи и во измените кои чекаат усвојување на Собрание. Кај годишниот одмор даден е само минимумот од 20 работни дена, а нема максимум како во постојниот закон, и т.н.

Најголемата промена се состои во издвојување на регулативата за основање и регистрација на синдикатите и здруженијата на работодавачи и делот за колективните договори во посебен Закон за синдикати, здруженија на работодавачи и колективно договарање.

Синдикатите ги разгледуваа овие предлози на закони и изнесоа свои забелешки и несогласувања со одредени формулации и решенија, кои се формулирани во ССМ. ССМ го отфрла предлогот на Закон за синдикати, здруженија на работодавачи и колективно договарање бидејќи смета дека со истиот и понатаму се поткопува синдикалното движење и води кон слабеење на синдикатите. Затоа, по овие прашања ССМ бара итна средба со министерката за труд и социјална политика, заради аргумантација на ставовите на синдикатот.

СИЕР во своите забелешки на предлогот на ЗРО се базира пред сé на резолуциите усвоени од страна на Конгресот.